Машката мариовска носија ја сочинуваат: аба, кошула, гушале, калци, ѕиври, бечви, гаќи, шалвари, појас, вутче, чорапи, подвески, пртеници, обвијала, пинци, џамадан, шајак, гуна, сакма, кожуф, капи и обрус.
Аба е поткошула од бела клашна. По крој е како кошулата, но е покуса. Кошулата е изработена од бело, памучно пкатно, со должина до колената. Кроена е од затилок јака, рамно кроени но во долниот дел широко отворени ракави, преден стан, заден стан и бочници. Најмногу по 12 бочници од секоја страна, со што кошулата имала изглед на фустанела.
Гушале е парче бело памучно платно во триаголна форма и служело за покривање на предниот отворен граден дел од кошулата. Се носело како составен дел од празничните кошули за млади мажи, украсено со вез од мониста.
Калци се волнени, плетени полуракави, носени од шаките до лактите. За ергени и млади мажи се плетеле шарени калци а за стари мажи бели калци.
Ѕивтите се изработени од бела клашна, вид „старски гаќи”, кроени во форма на ногавици долги од глуждовите до препоните. На горниот дел се пришиени врвци со чија помош се придржувани за појасот; по рабовите украсени со црни гајтани.
Бечвите се изработени од бела клашна. Кроени се од следните делови: заден кутел, преден кутел и две ногавици.
Гаќи-бубакарни – изработени се од бело памучно платно, кроени слично како и бечвите. Започнале да се носат во почетокот на овој век; летно време се облекувале под ѕиврите, а во зима под бечвите и под шалварите.
Шалвари или црни бечви-изработени од црн четворен шајак, долги до под колената. Од глуждовите до колената врз шалварите се облекувале куси ѕиври – вид на клашнени потколеници или пак чорапи.
Појас – волнен ткаен, се носел во неколку вида: a) подвеска” – тесно појасче (2,5 х 150 см), ткаено на црвена основа со прави шарки – го носеле машки деца до време на пубертет; б) кемер” – широк околу 10 см, а долг околу 3 метри, ткаен на црвена основа со прави хоризонтални шарки носен од време на ергенството до средно доба, и в) „појас“ еднобоен црвен или црн, двојно поширок и подолг од претходниот. Врз ќемерот и појасот задолжително се носел кожен ремен.
Вутче или прегаче е волнена скутина, ткаена во прави хоризонтални шарки.
Чорапите се волнени, плетени, составени од следните делови: „горниште“, „стапало“ и „прсти“; од вна- трешната страна на нозете со расцепок”; за млади мажи орна- ментирани во разни бои, а за стари – бели. Од поново време и чорапите за млади мажи започнале да се плетат исклучиво бели.
Подвески – ткаени тесни волнени појасчиња за притегнување на чорапите, ѕиврите или шалварите под колената.
Обвијала или калчуни се старски зимски доколеници, од бела или црна лита клашна. Скроени се во четириаголна форма, со помош на врвци се обмотувале околу нозете од глуждовите до под колена.
Пинци – од свинска или говедска кожа, со врвци или “ремење“ кои се вкрстосувале од долу до подвеските. Од почетокот на 20 век младите започнале да носат и чевли или чејли изработувани од градските кондураџии во Прилеп и Битола.
Џамадан или „ќурдија” е горна безракавна облека од бел или од црн шајак, со должина до појасот, со два џеба на градниот дел од полите, а по рабовите украсен со гајтани.
Шајак или “копоран” е горна зимска облека од бел или црн шајак, со долги тесни ракави; долг до бедрите. Зимно време се облекувал над џамаданот.
Гуна-горна безракавна облека од темно кафеав шајак, долга до колена, околу рабовите опточена со црна оптока; кроена со прилично тесни поли, но со големи триаглести бочници, со помош на кои во долниот дел е прилично проширена. Во време на жалост се носела превртена од наопаку.
Сакма – типична сточарска облека од најдебела волнена ткаенина. Кроена е од заден стан, две предни поли, два бочника од страните, долги ракави и јака/ќулавка.
Кожув – Ќурчиска изработка од јагнешко крзно, долг до појасот, со долги ракави или без нив.
Капи – застапени се неколку вида: а) бела или црна „Валавка” или “валаница“, слична на арнаутското кече; б) црвен „тунус” или “вес”, со долг син или црн свилен пискул (како Тоски”) – капа на ергените и младите мажи, носена до крајот на минатиот и почетокот на овој век; в) платнена куповна, округла, згора заоблена капа, по форма слична на плитка шубара започнала да се носи од почетокот на 20 век.
Обрус или чалма- правоаголно, ткаено парче платно, со дискретни прави попречни шарки. Долг околу еден метар и половина, на крајот со реси. Се обмотувал околу валанката или фесот. Старите обмотувале обично чалми од бело платно.
