Дебарца е издвоен шумовит предел во североисточниот дел на Охридскиот крај, расположен од двете страни на Сатеска Река и десната страна на Голема Река. На запад преку Караорман граничи со Малесија и Струшко Поле, на север и североисток со Кичевија, на југоисток со Железник, а на југозапад и југ со дел од Струшко и Охридско Поле.
Традиционалните форми во облекувањето егзистирале, главно, до почетокот на XX век. Влијание во тоа имале настаните од времето на Илинденското востание, кога поради активното учество на населението во нив, скоро сите села во Дебарца биле изгорени и опустошени од страна на Турците.
Во неа се испреплетуваат влијанија и елементи од соседните предели:Кичевија, Железник, Струшко и Охридско Поле.
Женската носија од Дебарца ја сочинуваат: кошула, грлувче, нараквичиња, клашеник, појас, скутник, џока, џубе, чорапи, калци, сокај, гајтан, убрус, тулбен.
Кошулата е изработена од домашно конопно, ленено, мелезно или бубакарно” (памучно) платно, со туниковиден крој, со кројни елементи: преден стан/отспредник, заден дел, клиње, јака-корил и ракави со подраче. Везена со домашно приготвена волнена каделка” или куповна ќванелка”, на ракавите, „предниците“, корилот и долниот околен дел „полите”; од внатрешната страна корилот и предниците поставени со црвена богасија“. Според намената се издвојуваат неколку видови женски кошули:
-голема кошула” – невестинска;
-доголема кошула или помала кошула – невестинска, „за на вода” (се облекувала во понедел- никот по свадбата);
-„црна”, “со трупалки” – за постари жени, како и други, празнични или секојдневни, за разни возрасти.
Од везачките техники најзастапени се: „црвеж” или „црнеж” (лозено), „крстина“, „полнеж“, „полнеж наурез“, „крени- поклопи“, „трашец надесно“, „трашец налево” и др. Доминантни бои се: „ѓувезлија“ или „чиста“, „крокоо“ (жолта), „крваво жолта” (старо жолто портокалово), „плаво жолта” (Лимоново жолта), а секундарни: сина, зелена, шеќерна и др.
Грлувче е бело правоаголно парче од домашно платно кое служело за покривање на предниот граден дел – “предниците”.
Нараквичиња се плетени полуракави кои се носеле од шаката до лактите. На горниот дел, кај лактот се врзувале со врвка, а на долниот дел набрани со манжетна. Изработени биле од куповно платно.
Појасот е плетен во вид на гајтан, изработен е од црна волна и е прилично долг. Се опашувал над клашеникот.
Скутникот е волнен. Составен е од две вертикални дипли, а ткаен во хоризонтални редови. Долг е до средина на листовите.
Џока е црна, клашнена, горна, безракавна облека. Должината и е до појасот. Ја носеле и млади и стари, само во траорен период.
Џубето е изработено од бела клашна. По крој е како џоката, но малку подолго. Украсено е со црни гајтани.
Чорапите се платени од волна во алова, модра, жолта и бела боја. Составени се од стапало, петица, подногача и надстапало.
Калците се волнени получорапи, без стапала. Долги се од глуждовите до под колената и се богато орнаментирани.
Сокај е невестинско покривало за на глава, со ќулавка и широк превез. Богато е везен, завршувал со бели реси долги околу 20-30 см. Неговата употреба била изоставена кон крајот на 19 век.
Гајтанот е составен дел од сокајот. Тој е долго правоаголно парче од црвена клашна, а накитен е со мониста и “жапки“. На крајот завршува со црни реси, долги до петиците , т.е. со должина на кошулата. Над црните реси се ределе покуси црвени; се носел една година по свадбата. Во составот на носијата егзистирал до почетокот на 20 век.
Убрусот е вид на бела правоаголна марама. Тој бил везен со коприна и се носел над сокајот.
Тулбенот е вид на марама за помлади. Се носел на почетокот на 20 век, а паралелно со него почнале да се носат и црни шамии.
