домаГУГУТКА ГУГАГугутка Гуга - 75 години ТАНЕЦ

Гугутка Гуга – 75 години ТАНЕЦ

Историјата на „Танец“ започнала во 1949 година, со одредбата на македонската влада за основање на Државниот ансамбл за народни игри и песни на Народна Република Македонија. Одредбата била издадена на 3 март 1949, а била објавена во „Службен весник на Македонија“ на 4 април 1949 година.

Според член 2, Ансамблот за народни игри и песни ги има следните задолженија:

  1. Да ги одржува, развива и негува уметничките вредности на народните игри
  2. Да ги одржува, обработува и развива народните песни
  3. Да гради програм со фолклорни народни танци и песни и на уметнички начин јавно да ги презентира

Од 2 јуни 1953 година, ансамблот го носи денешното име: Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Танец“ е име кое со децении е симбол на македонската култура и уметност, амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво на сите континенти на Земјината топка. Покрај негувањето на фолклорното творештво, народните обичаи, игри, песни и носии, преку успешните кореографски постановки, „Танец“ ги преточува во колорит и префинет израз на играње, пеење и презентирање на убавите оригинални носии изработени пред повеќе децении, кои претставуваат амблем на македонската култура.

Од посебно значење е првото претставување надвор од Македонија, поточно на меѓународниот фестивал во Ланголен, Велс во 1950 година, кога со озведбата на „Тешкото “, ансамблот ги освоил сите можни поени и ја добил првата награда. Притоа, Танец бил првиот и единствениот ансамбл во историјата на овој фестивал кој ги освоил сите можни поени. Како резултат на освоената награда, ансамблот го продолжил својот престој во Британија за уште 20 дена при што одржал повеќе концерти.

Ансамблот има настапено на над 4.500 концерти, фестивали и други културни приредби, со над осум милиони посетители. За успешноста на „Танец“ зборуваат големиот број награди, дипломи, благодарници и признанија добивани по разни поводи, концерти и сл., меѓу кои и наградите: „11 октомври “, „Климент Охридски “, „13 Ноември “ и Орденот за заслуги, доделен од Претседателот на Република Македонија.

Репертоарот на „Танец“ го сочинуваат голем број народни ора, песни и обичаи од повеќе краишта на Македонија меѓу кои и: „Тешкото“, „Невестинско “, „Комитско “, „Чифте “, „Калајџиско “, „Тресеница “, „Осоговка “, „Драчевка “ и други.

„Танец“ е во постојана и тесна соработка со македонските иселеници во дијаспората. Во таа смисла се организирани и голем број концерти во сите земји каде што живеат македонски иселеници. Тој континуирано ги помага културно-уметничките друштва во земјава и во странство во квалитетното поставување и пренесување на играорната традиција.

Со цел да се зачува од пропаѓање, а истовремено и да се збогати фундусот на народни носии се врши и откуп на оригинални носии од повеќе краишта во Македонија. „Танец“ бил организатор на низа семинари за раководители на играорни друштва. 

Многу од познатите уметници биле дел од Ансамблот “Танец”, а ова се само дел од нив:

  • Пеце Атанасовски
  • Васка Илиева
  • Петранка Костадова
  • Трајко Прокопиев
  • Александар Сариевски
  • Живко Фирфов
  • Јонче Христовски
  • Тале Огнановски
  • Анка Гиева
  • Никола Бадев
  • Виолета Томовска

Ден 18 април 2025

00:01:17