домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Селото Морани и селото Мршевци

Азбука на Скопје – Селото Морани и селото Мршевци

Селото Морани се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина, во подножјето на планината Китка која е дел од масивот Мокра Планина. Сместено е во дол на преминот помеѓу рамничарскиот и ридскиот предел на надморска височина од 310 метри. Од градот Скопје е оддалечно 19 километри. Низ Морани тече Моранскиот Поток (Моранска Речица) кој е десна притока на реката Вардар. Првите пишани податоци за Морани се среќаваат во XIII век, односно време на владеењето на бугарскиот цар Асен во 1230 – 1241 година, кога просевастот Прибо ја изградил ќелијата посветена на Света Петка во местото наречено Тморане. Во 1258 година, кралот Урош, селото Тморане го подарил на манастирот во Хиландар, а веќе следната година во 1259 византиската власт ги одзела ќелијата Св. Петка и селото Тморане од власта на манастирот. Потоа во 1300 година царот Милутин, ќелијата Св. Петка со лозја, ораници и голем земјиштен посед во кој спаѓале селота Тморане и Ворошах (денешно Орешани) повторно ги подарил на манастирот во Хиландар. За време на отоманското владеење, селото Морани било чифчиско село населено исклучиво со православни Македонци. Сопственици на беговите биле муслимани (Турци) кои живееле во Скопје, а запаметени се извесни Рушид-ага, Едип Теко, Афус Исен и Селим-ага кои поседувале околу 300 до 500 „шиници“ земја. Од почетокот на XIX век во селото започнуваат да се доселуваат Албанци кои од северна Албанија најпрвин се доселиле во повисоките околни планински села на Китка. По заминувањето на отоманската власт во селото Морани повторно се населиле Македонци кои живеат сè до денес, а биле населени и околу 30 семејства Срби кои биле протерани од бугарските власти во 1941 година.

Мршевци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на територијата на Општина Илинден, на 27 километри оддалеченост од градот Скопје. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 330 метри во долниот широк дел на Никуштанската речица. Мршевци се наоѓа во подножјето на возвишението Ајватовски Рид, веднаш зад рафинеријата „ОКТА“. Изгледот на Мршевци се разликува од останатите села, бидејќи во него плански биле доселувани српски колонисти во периодот на српската окупација (Кралство СХС) пред втората светска војна. Селото се состои од четири долги улици во правец север – југ и три пократки кои се протегаат во правец исток – запад. Атарот на селото зафаќа површина од 7,9 км2 на кој доминира обработливото земјиште со 618 ха. Селска слава на селото Мршевци е Спасовден, што е воедно и патронен празник на селската црква. Сретсело, се наоѓа населба од неолитското време. Временски и културно овие наоди се идентични со наодите од Тумба во Маџари.

Ден 18 април 2025

00:01:17