Иако во службената и административна употреба селото е заведено и познато како Зовиќ или Зович, мештаните коишто живеат во него го нарекуваат Бзовиќ. Како Бзоик селото е запишано односно исклесано на плочата во селската црква “Св.Никола” каде на старословенско писмо се запишани податоците за нејзината изградба од 30.10.1862 година.
Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Леништа ја викале „Бзовиќ“ поради тоа што околу неа имало многу боз. Грмушки од растението бозел и денес се наоѓаат во самото село и пошироко на атарот на Зовиќ. Оттаму, од името на растението боз или бозел доаѓа основата на името на селото (Б)зовиќ со значење на место обраснато со боз.
Селото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци, чиј атар просторно е поделен на два дела.
Селото е ридско, на надморска височина од околу 680 метри. Селото е едно од најизолираните места во државата, па така од централното место Битола е оддалечено дури 53 километри.
Крај селото кај познатиот Зовички мост, тече Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе и навлегува во карпеста клисура од каде кај месноста Еленик се спојува со реката Сатока, која потоа се влева во Црна Река.
Во XIX век селото Зовиќ било едно од мариовските села во кое било најголемо влијанието на грчката пропаганда Но, додека на делови од оштетениот живопис во малата црква Св. Атанасиј над селото се забележуваат натписи на грчко писмо, во главната селска црква изградена во 1862 година, а по големите оштетувања во ПСВ возобновена во 1927 година, има натписи само на старословенско писмо и книги на црковнословенски јазик. Поради жестоките борби на линијата на фронтотот, селото Зовиќ со уште неколку села во битолско Мариово до темел биле разурнати за време на ПСВ.
Видливи остатоци од Првата светска војна во селото се видливи на влезот од селото, особено на патот кој води до Чебренскиот манастир, како и во близина на црквата „Св. Атанасиј“, сместена на ридот над селото. Во црквата „Св. Никола“ се наоѓаат неколку гробови од бугарски војници, а низ селото, како и низ сите мариовски села, може да се сретнат голем број на остатоци од војната, на кои мештаните им нашле примена во домаќинството. Дел од овие предмети, денес се изложени во новиот ресторан „Кај Мостот“.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 6 македонци и 5 лица без податоци.
Во Зовиќ се одржуваат и празнуваат:
Митровден (8 ноември) е селска слава на која се одржува голем црковно-народен собор.
- Св.Никола-летен (Талалеј) е стара селска слава и патронен празник на црквата, која според кажување на жителите поради големи трошоци и расипување на храната била заменета со Митровден, но сепак сѐ до денес останало обичај празникот да се прославува со колење на јагне и делење на ручек во селската црква.
- Св.Атанасиј-летен (во првата половина на месец мај) се празнува со собор во малата црквичка посветена на Свети Атанасиј на врвот на ридот над селото.
- Зовичка средба — средба на сите сегашни и некогашни иселени жители и нивните потомци со културно-забавна програма која вообичаено се одржува во месецот мај во склоп на прославата на празниците Свети Атанасиј или Свети Никола.
- Mariovo Off-Road Experience — секоја година на крајот од месец мај, големата велосипедска и планинарско-пешачката тура од фестивалот минуваат и го посетуваат селото Зовиќ.
