домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Музеј на Македонската Борба на самостојност и Порта...

Азбука на Скопје – Музеј на Македонската Борба на самостојност и Порта Македонија

Музеј на македонската борба за самостојност се наоѓа во Скопје, Македонија, на левиот брег од реката Вардар. За главен архитект при изградбата на објектот бил избран Зоран Јордановски. Музејот бил изграден во периодот од 2008 до 2011 година, и официјално отворен на 8 септември 2011 година, по повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија. Самата негова зграда е прогласена за културно наследство на Македонија. Сместен е во објект од 6.435 квадратни метри нето-површина, музејските изложбени простории опфаќаат 2.500 квадратни метри. Музејот бил официјално отворен од страна на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој во музејот го предал оригиналот од Декларацијата за независноста на Македонија, која е изложена во холот при самиот влез. Витражот, кој го краси централниот дел на холот на Музејот на македонската борба, е направен од преку 14.248 катедрални и опалесцентни парчиња стакло. Во форма на круг, тој е насловен како Македонско оро. Музејот работи со работно време од 10 до 18 часот, од вторник до недела. Бесплатен е влезот во среда за средношколците, бесплатен четврток за студентите, бесплатен влез за социјално загрозените граѓани, децата без родители и за хендикепираните лица.

Порта „Македонија“ е споменик во облик на славолак (триумфална арка) кој се наоѓа на плоштадот Пела во Скопје, дело на вајарката Валентина Стефановска. Прогласена е за културно наследство на Македонија со цел да се заштити. Портата е пуштена во употреба 2011 г. по повод 20 години од независноста на Македонија, висока 21 м. Однадвор има релјефи на површина од 193 м2 што претставуваат разни настани и обележја од историјата на Македонија и нејзината култура, а во внатрешноста има галериски простор на две нивоа и продавница за сувенири. На горниот дел од Порта Македонија има платформа за набљудување со три дурбина, а до таму водат два лифта и две скалишта. Споменикот има 32 релјефа врз прилепски мермер „Сивец“ во длабока резба на кои се прикажани сцени од праисторијата преку наколната населба во Заливот на Коските, антиката со Александар Македонски, средниот век со сесловенските просветители Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, Цар Самоил и подоцнежните периоди со Крале Марко и Карпош, а XX век е претставен со Илинден, АСНОМ, Егзодусот од Егејска Македонија, па сè до прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 г. Покрај историските сцени, страничните ѕидови се украсени со артефакти од народната материјална култура, како и четири бронзени статуи на аглите врз первазот.

Ден 18 април 2025

00:01:17