домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАзбука на Скопје - Маркова Сушица / Маркова пештера

Азбука на Скопје – Маркова Сушица / Маркова пештера

Маркова Сушица е скопско село во јужниот дел на Скопската Котлина, во составот на Општина Студеничани на надморска височина од 370 метри. Непосредната околина на селото е полна со старини од античкиот и средновековниот период. Најрано сведоштво за населеноста на местото дава наоѓалиштето Ебишница источно од селото, кое претставува населба од неолитското, бронзеното и железното време. Југозападно од селото се наоѓа возвишението Марково Кале со остатоци од тврдина (ѕидини дебели до 1 метар) за која населението верува дека ја изградил Крали Марко, која поради самата положба во долината на Маркова Река имала одбранбена функција. Во околината на Марковиот манастир во средновековниот период биле изградени и повеќе други тврдини, помали цркви и испоснички ќелии, денес во рушевини, како што се Св. Архангел, Св. Богородица, Св. Атанасиј и денес возобновената Св. Никола. Во втората половина на XIX век, Сушица била чифлик во сопственот на албанскиот сточар и насилник Касам ќаја од селото Гургурница на Сува Гора, но поради тоа што овој западнал во долгови, во 1880 година чифликот морал да го продаде на Аџи Ибраим Бег. Чифчиството од кое Сушица се ослободила делумно во 1912 година, а целосно преку аграрна реформа во 1946 година.

Маркова пештера. Оваа пештера се наоѓа на патот за с. Сопиште. Во Општина Сопиште се наоѓаат најинтересните карстни предели во реон Нова Брезница, Јаболци, Краста. Се претпоставува дека на просторот на Општина Сопиште постојат околу 50 спелеолошки објекти. Во рамките на Општината припаѓа и Националниот Природен Резерват Јасен. Тука се откриени дваесет спелеолошки објекти од кои некои се особено значајни да се доистражат и стават под заштита како природни реткости. Дел од спелеолошките објекти се евидентирани со имиња дадени од С.Д. Пеони, но при детално истражување се добија за секој објект народните, месни имиња. Во исто време постојат и јами кои досегаат поголеми длабочини заради задржувањето на замрзнатиот снег во својот простор во текот на целата година. Направени се испитувања кои докажуваат дека реката Патешка река понира ситесто и водата извира во езеро Матка во вид на голем извор (Врело).

Ден 18 април 2025

00:01:17