Матка Акумулацијата МАТКА со површина 22 ха Матка е најстарото вештачко езеро во Македонија, чијашто акумулација е изградена во 1938 година. Акумулационото езеро Матка, се протега 7 километри низводно по реката Треска, величенствено со својата метално сиво – зелена боја. Стрмните сиви седиментни трошни карпи, омилена рута и вечен предизвик на алпинистите – авантуристи, се издигаат високо над езерото, а со своите крајбрежја остро ја засекуваат мистериозната водена површина на езерото. Освојувањето на минираната брана и хидроцентрала „Матка” од германскиот окупатор и балистите била главната задача за непречен влез во Скопје на партизанските единици и за последните битки за негово ослободување. Во борбата, покрај Италијанецот кој успеал да го зададе последниот удар, загинале уште 11 борци, меѓу кои Руси, Чеси и Австријци.
Јосиф Михајловиќ (1887 – 1941 год.) градоначалник на Скопје од 1929 – 1936 год и од 1939 – 1941 год., најмаркантната личност во овој период, која се споменува во сите книги и чии заслуги во Скопје се гледаат и ден – денес. Роден е во с.Тресонче, Дебарско. Универзитет завршил во Белград, а се дошколувал во Франција на Сорбона, на Институтот за урбанизам. Потоа заминал за Лондон запишал Високата лондонска школа за уредување и разубавување. На негова иницијатива изградени се хидроцентралата „Матка“, првиот водовод „Рашче“, насипот во Градски парк на Вардар, регулацијата на Серава. Негови се заслугите за првиот урбанистички план на Скопје, оформувањето на денешниот плоштад со околните улици, изградбата на Собранието, денешната Градска болница, старата железничка станица, поранешната Народна банка. Кога во 1929 година бил именуван за градоначалник, авионски го снимил градот и направил катастарски премер и попис на населението. Првиот урбанистички план на Скопје го изработил заедно со стотици ученици, инженери и геометри. Благодарение на неговите планови, започнува усовршување и на уличната мрежа. Изградени се многу плоштади, улици, мостови и објекти. Во негово време започнало и калдрмисувањето на улиците. Било формирано и Друштво за разубавување на градот кое се грижело за естетскиот изглед на објектите. Станува збор за најдобри архитектонски примероци на сецесијата, архитектура која ја форсира слободата на изразот, особено кога станува збор за декоративноста, но и новите материјали: бетон, керамика, железо… Иако улицата е практично епицентар на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, голем дел од зградите изградени во периодот на Михајловиќ успеваат да поминат само со помали оштетувања.
