Азбука на Скопје – Леб и Сол, и Ленче Кумановче
- Леб и сол, македонска џез/рок-група, групата е основана на 1.1.1976 година, во скопската населба Тафталиџе, на улицата Мексичка. Викендот пред новата година е моментот кога тие ќе почувствуваат дека можат да се носат со предизвикот. На првата следна проба што ќе ја договорат, во бараката на Чочор во населбата Влае, ќе го официјализираат и почетокот на групата на која ќе ѝ го дадат името Леб и сол. Сите четворица и претходно имаат некое музичко искуство. Влатко и Бодан во основно училиште го имаат составот наречен Јегуље, во кој Влатко е на тапани. Бодан подоцна е и во Дијаманти. Целиот репертоар на групата е преработки на актуелни светски хитови, а нејзиниот прв настап на сцената ќе биде игранка во ОУ „Георги Димитров“, во скопската населба Тафталиџе, на 5.3.1976 година. Уште еден таков сличен настап ќе има и на 2.4.1976 во гимназијата „ Ј.Б. Тито“. Недолго по овие концерти, Живко ќе ја напушти групата, а набргу потоа и Кокан. Леб и сол сè повеќе се свртува кон авторски теми, оставајќи го настрана репертоарот составен од кавери. За краток период ќе престанат и настапите на игранки, па првиот официјален настап на групата во кој доминира авторски материјал, ќе биде во рамките на второто издание на фестивалот „ПопБум“ во Кочани, во април 1976 година. За многу краток период, Леб и сол ќе се наметне како едно од водечките имиња на сцената. Првите 3 снимки групата ќе ги направи во јуни 1976 година, во импровизираното студио на Радио Скопје, во основното училиште „Ј.Х. Песталоци“. Ќе бидат снимени нумерите Кокошка, Утринска тема и песната на Лабиш Фанки, за потребите на радиоемисијата „Повелете-Покажете“, која ја водел познатиот музичар од Бис-Без, Димитар Чемков. Тоа ќе биде единствениот материјал од Леб и сол што колку-толку ќе се заврти на радио, но сосема доволен групата да го исполни Домот на младите „25 Мај“, на својот прв самостоен концерт во септември 1976 година.
- „Ленче Кумановче“ За првпат пиесата била изведена во 1928 година на сцената на Скопскиот театар, на кумановски говор, а потоа набргу била симната од репертоарот и забранета. Повторно, премиерно е прикажана на 15 декември 1936 година, овојпат под наслов „Ленче Кумановче“. До крајот на театарската сезона истата година, претставата била прикажана 12 пати и ја гледале 6.136 гледачи. Според Иљоски, народот сакал на сцената да види победа на вистината над лагата, на доброто над злото, победа на социјалната правда и човечноста. Дејството во пиесата ја прикажува љубовта на убавата Ленче која била таксана за Досе, син на богат трговец. Но, таа била вљубена во младиот занаетчија Бошко. Тој бил убав и не ѝ пречело што е сиромав. Бидејќи нејзиниот татко, Аџи-Трајко, се спротивставувал на нејзината желба, таа одлучила како бегалка да живее со Бошко. Во тоа време бил голем срам, мома да се мажи на своја рака. Сепак, прочуениот чорбаџија Аџи-Трајко, за да ја одбрани честа на ќерка му и да го спаси семејството, по многу негодувања, на крајот морал да ја прифати љубовта на Ленче кон Бошко.