Соборен архиепископски храм „Свети Климент Охридски“ Каменот-темелник е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од тип ротонда. Главната црква му е посветена на Св. Климент Охридски, а долната црква на св. Богородица. Од капелите, едната им е посветена на Цар Константин и царицата Елена, а другата на светиот маченик Мина. Кога ќе се влезе во внатрешноста на црквата, особено внимание привлекува иконостасот што е направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората- лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 м во должина и 12,5 м во висина. Иконите што се сместени во него се насликани од Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски. Прв пат во светот Исус Христос е насликан на површина од 70 м², при што пречникот на едно око му е 1,5 м. Отстапувањето од каноните е тоа што пророците, наместо во стоечка положба се насликани во седечка положба. Второ отстапување од црковните канони е што се оставени големи прозорци. На 45 метри висока камбанарија, што се наоѓа во дворот, лево (на север) од главниот влез на црквата, се поставени 3 камбани. Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница. Во дворот на Соборниот храм на 12 август 2007 бил поставен споменикот на архиепископот Господин Господин Доситеј, првиот поглавар на возобновената Македонска православна црква, а го изработил академик Томе Серафимовски
