домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - Т К А Е Њ Е

ГУГУТКА ГУГА – Т К А Е Њ Е

Ткаењето е технолошки процес на изработка на ткаенини со преплетување на два жичени системи. Едниот систем на жици се протега по должината на ткаенината и се нарекува основа, а другиот по ширината на ткаенината се нарекува јаток.
Постојат различни претпоставки за тоа кога човекот почнал да ткае. Повеќето народни преданија ширум светот го поврзуваат потеклото на ткаењето со човечкото набљудување на природата и воочување на можноста за преплетување на гранки од дрвја или лисја од бамбус. Покрај тоа, легендите на многу култури го поврзуваат изумот на техниката на ткаење со почетокот на нивната сопствена историја. Асирците таа чест ѝ ја укажале на кралицата Семирамида, Египќаните на божицата Изида, која е претставена со совалка во раката или на главата, античките Грци на божицата Атина, а Римјаните на Минерва.
Создавањето ткаенини било возможно благодарение на два факти: пронаоѓање соодветни влакна и упредувањето на кратките влакна во нишки со помош на вретена.[3] Фрагменти од најрано изработени ткаенини, археолозите ги процениле како стари повеќе од 10000 години, т.е. дека датираат од неолитот и се пронајдени во Езерската област во Швајцарија.[4]
Со векови, жиците на основата се подигале со прсти, кревајќи ја секоја жица поединечно. Со воведувањето на еден вид штичка што овозможувала веднаш да се подигне група на жици од основата и на тој начин да се формира зев, процесот на ткаење бил значително подобрен, но сепак постојано се користела едната рака на ткајачот. За да може ткајачот да ги ослободи двете раце и да може да го користи совалката со навитканиот јаток, неопходно било да се откријат и применат тркалото и лостот[5], со што довело се овозможила изградба на современ разбој.
Разбоите што ги користиме денес се во суштина слични на оние од пред илјада години, а многу од денешните ткаенини се направени во структури стари илјадници години.
Првите и најстарите разбои биле вертикални. Ткајачите ги врзувале нишките од основата за греда или гранка, а на долните краеви на нишките врзувале камења (тегови) за да постигнат затегнатост на основата.
Подготовка за ткаење вклучува подготовка на основата (сновење и воведување во разбојот) и подготовка на јатокот.
Подготовката на основата вклучува избор на предиво, техничка пресметка која го одредува бројот на жици на основата потребни за да се добие ткаенина со одредена ширина и должина. Точниот број на жици на основата се добива кога ширината на ткаенината изразена во cm се множи со бројот на жици на 1 cm, што зависи од густината (финост, нумерација) на брдото. Пресметувањето на должината на основата го подразбира збирот на саканата должина на ткаенината, процентот на вткаеност и потрошена основа за врзување на кросното за навивање на ткаенината. Дополнително, се одредува редоследот на боите на основните нишки, по што следи постапката на сновење.
Подготовка на јатокот вклучува избор на предиво и премотување на јатокот на совалка.[8]
Најчесто за основа се користи кончено предено, заради јачината и способноста да издржи големо триење и напрегнатост на жиците, а за јаток може да се користат најразлични материјали во согласност со саканите одлики на ткаенината. За ткаење се користи предено од влакна од растително потекло ( лен, коноп, сисал, рафија, памук); од животинско потекло (свила, волна, разни животински влакна); вештачки произведени влакна (органско потекло – целулоза и неорганско потекло – најлон, дралон, перлон, акрил).

Преплетите ја сочинуваат конструкцијата на ткаенината, т.е. тие го претставуваат начинот на вкрстување на основата и јатокот (нивната меѓусебна положба во ткаенината) и ја одредуваат конструкцијата на ткаениот материјал.[11] Освен тоа, покрај преденото што се користи за основа и јатокот, и преплетите, исто така, влијаат на изгледот и особините на ткаенината.
Преплетувањето се определува според големината на односот (R) на основата или јатокот, што претставува најмал број на различно поврзување на жици на основата на површината (лицето на ткаенината), може да се види кој систем е повеќе застапен, што го дефинира ткаењето како основино (доминантна основа), јаточно (доминантен јатокот) и еднакво (и двата системи се подеднакво застапени).

Покрај оваа поделба, преплетите може да се поделат во пет различни групи, и тоа: основни (платно, кепер и атлас), изведени (рипс, панама, појачан, повеќекратен, скршен, одземен, мрежест, засенчен кепер), комбиниран, жаккар и сложени преплети.
Сите наведени преплетувања се графички прикажани на посебен тн. ткајачка хартија која се одликува со квадратна поделба, каде што вертикалните колони ја претставуваат основата, а хоризонталните колони – јатокот.
Цртањето на преплетите во ткајачката хартија се врши на одреден начин, така што местото каде што основата е на лицето на ткаенината се означува со полно поле или некој знак, додека местото на јатокот, на лицето на ткаенината, останува празна на цртежот.

Ден 18 април 2025

00:01:17