АЗБУКА НА СКОПЈЕ – КАМЕНИ МОСТ/КАТЛАНОВО ПРЕДЕЛ
- Камениот мост сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и старата скопска чаршија. Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 год., во екот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот (1444-1446; 1451-1481 год.), во периодот меѓу 1451 и 1469 год. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој пак грб е насликан на знамето на Скопје во жолто-златна боја. Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина од 215 метри и ширина од шест метри. Со цел да се врат и првобитниот изглед на Камениот Мост, од 1992 година се започнати нови интервенции, со што е добиена првобитната ширина на мостот. На левата страна на реката на мостот се наоѓала спомен –плоча на стреланите граѓани на Скопје во 1944 година за време на фашистичката окупација.
- Катланово Предел прогласен за споменик на природа од 1991 г. во кој е присутна специфична појава на отворена пукнатина од неотектонско потекло, низ која повремено се дистрибуираат термоминерални води, од кои се наталожени импресивни драперасти наслаги на бигор. Должината на пукнатината изнесува 350 м, а широчината на отворот е до 30 см. Оваа тектонска-хидротермална појава претставува реткост не само за Балканскиот Полуостров туку и во Европа. Римјаните овде изградиле мали отворени базени. Од масовната посета на бањата сведочат големиот број ниски столови со кружен облик, всечени и исклесани во стените. За време на турското владеење градени се покриени базени, т.н. водени куќи.