Каршијак – машка носија
Каршијак е наречен јужниот и југозападниот дел десно од реката Вардар. Тука спаѓаат главно селата околу планината Водно и нејзините падини. Основно занимање на ова население е земјоделството и сточарството.
Машката носија ја сочинуваат: кошула, елек, појас, бела гуна, гунче, чорапи и чалма
Кошула – изработена од бело памучно платно, долга до над колената.
Елекот е со затворени поли, по краиштата е украсен со гајтани.
Појас – ткаен волнен, на црвена основа, широк околу 5 прсти, на средина појасот се опашувал со каиш.
Бела гуна е безракавна облека од бела клашна, долга над колена, украсена со црни гајтани.
Гу н ч е – горна допојасна облека од кафеава клашна, со куси ракави до лактите и со ќулавка „јакуцка“. Украсено со црни или со бели гајтани. Напред се врзувала со дебели гајтански врвци.
Чорапите се волнени, плетени со најразлични орнаменти.
На главата се носела чалма од бело платно, се обмотувала околу главата, а едниот крај се оставал да биде спуштен по плеќите.
