домаАЗБУКА НА СКОПЈЕАЗБУКА НА СКОПЈЕ - ЕВЛИЈА ЧЕЛЕБИЈА/ЕДВАРД БРАУН

АЗБУКА НА СКОПЈЕ – ЕВЛИЈА ЧЕЛЕБИЈА/ЕДВАРД БРАУН

  1. Евлија Челебија, кој двапати го посетил градот во периодот од 1660 до 1668 година, за чаршијата забележал: „Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.“
  2. Англискиот доктор и патописец Едвард Браун го посетил Скопје во 1669 година, дваесетина години пред Пиколомини да го запали Скопје. Пристигнал преку Катланово во Скопје (SKOPIA), „град со голем промет и најголем од сите други градови што се во околијата. Скопиа или Скупи, или како што Турците го нарекуваат Ускопиа, се наоѓа на работ на Горна Мизија или поточно на границата на Македонија, во подножјето на Монт Орбелиус (Скопска Црна Гора), на брегот на реката Вардар или Аксиус, во еден многу убав и пријатен крај, со еден дел градот е на ридот, а вториот е во рамнина. Во почетокот во него имаше епископија, а потоа архиепископија. Меѓутоа, иако денес не постои ни едната ни другата, тоа не значи градот да не биде убав и добро. Едвард Браун се задржува на производството на еден вид кожа според која Скопје го препознавале во светот. Тоа е кордованот (жолт сафтијан) за кој и патописецот има комплименти: „Во овој град има седумстотини кожари, кои ги обработуваат кожите во големите камени корита. Прават убави кожи, а потоа ги праќаат на продажба во сите странски земји“. Патописецот детално ја опишува и внатрешноста на скопските куќи во кои се оди само по килими, а таваните се поделени на триаголници и четириаголници, и други слични геометриски фигури, кои биле позлатени и обоени во разни бои на кои не биле прикажани сцени од флората и од фауната.

Ден 18 април 2025

00:01:17