АЗБУКА НА СКОПЈЕ – МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ/ЕЛЕКТРИФИКАЦИЈА НА СКОПЈЕ
- Македонските Евреи добија средства со Законот од 2002 со кој беа вратени имотите на Евреите без наследници беше извршена денационализација. Новата музејска зграда посветена на Холокаустот е составена од две крила со по три спрата. Во него е сместена постојана изложба со детален приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Првиот спрат од музејот е посветен на животот на сефардските Евреи по нивниот прогон од Шпанија во средниот век и нивниот придонес во општеството. Вториот спрат е исклучиво посветен на Холокаустот, од моментот на депортацијата се до случувањата во Треблинка.Како дополнување на амбиенталниот простор, на вториот кат се наоѓа интерактивен простор каде посетителите можат да добијат информации за Евреите и Холокаустот, детско катче со сала за проекции и симпатично кафуле кое гледа кон Вардар, театарот и Еврејското маало. Во позадина оди пријатна еврејска музика низ целиот комплекс. Веројатно најимпресивен за помнење е огромниот проект кој се наоѓа во средината на музејот. Се работи за инсталација во која се наоѓаат 7200 нитки како асоцијација на бројот на убиените Евреи, а кога ќе се погледнат овие нитки нанижени со разнобојни перли оддалеку, во средина се препознава портокаловиот вечен оган и печатите од бројки со кои биле жигосувани Евреите во Треблинка.
- 1909 Пуштена е првата електрична централа. Со примена на технологијата на еднонасочна струја, засветува првата светилка во Скопје. Малата дизел електрична централа која го овозможила тоа имала еден агрегат од 44 kW, со напон од 220 до 240 V и служела за напојување на една пумпна станица за градскиот водовод, за осветлување на зградата на Општината, за една улица и за конакот на турскиот валија. 1933 год. Изградена е дизел – електро централа со 1500 KWh. ТЕ „Дизел“ во Скопје (1.000 kW). Во триесеттите години на минатиот век, на излезот од кањонот Матка е изградено вештачко езеро на реката Треска, со бетонска брана, за производство на електрична енергија. Градежните работи на браната започнале во 1935 година, а хидроцентралата започнала со работа во 1938 година со инсталиран капацитет од 4,2 MW. Во 2008 година е направена реконструкција на доводниот тунел и е изградена комплетно нова хидроцентрала. Со изградбата на нова машинска зграда, лоцирана во непосредна близина, старата машинска зграда престана со функција, по што во 2016 година е пренаменета во едукативно-изложбен центар. Зафатната градба на оваа хидроцентрала е лоцирана низводно од централата и изградена со преградување на коритото на реката Треска и создавање акумулација. На неа постои бетонска брана со висина од 29 m во облик на лак, која ја сочинуваат 10 прстени независни еден од друг. Браната е изградена од армирана бетонска конструкција со ниво на круната од 317,50 m. Вишокот вода се прелева странично преку браната. Во близина на зафатот се наоѓа и кула, во која е сместен таблест затворач над доводниот тунел, со кој се насочува водата кон доводниот тунел и кон грубата и фината решетка. Преку доводниот тунел водата се транспортира до водната комора и понатаму со два цевковода се транспортира до машинската зграда.