домаГУГУТКА ГУГАГУГУТКА ГУГА - ГОРНА ПРЕСПА, ЖЕНСКА НОСИЈА

ГУГУТКА ГУГА – ГОРНА ПРЕСПА, ЖЕНСКА НОСИЈА

Пределот Преспа го формираат Ресенското поле заедно со Преспанското Езеро. Овој предел се дели на Горна и Долна Преспа.

За време на Илинденското востание, голем број на села биле изгорени и опустошени од страна на турците. Повторно биле горени и ограбени за време на Првата Светска Војна. Поради овие настани, носијата била драстично променета. Народот бил многу сиромашен, па така некои делови од носијата со цврста структура, се користеле за опинци. Со везените крпи, се крпеле чорапите или пак се користеле крпи за миење и при помош во готвењето. За време на Втората Светска Војна, повторно за да преживее народот, она што успеале до тогаш да го сочуваат, им го продавале на германците. Поради овие причини, видно недостигаат некои делови од носијата дури и во музејските примероци. Машката носија во Горна и Долна Преспа не е забележано драстично да се разликува, но кај женската има и различни облековни елементи, но и се забележува присуството од Охридско, Битолско и Леринско.

Кошулата од Женската носија во Горна Преспа, е изработена од домашно платно: ленено, конопно или памучно. Се разликуваат неколку вида кошули според везот: кошула везена на ракавите, предниците и на долниот околен дел со “бојој”, кошула везена на ракавите, предниците и на долниот дел со бел вез/чикме, сосема бела кошула, везена само на долниот дел со бел вез/чикме.

Везовите биле изведели од свилени и волнени конци, со доминација на алената боја, а со акцент на модрата, црната и зелената боја. Од везачките техники се издвојуваат: “крстови”, “полнеж” и “травци”.

Грлинка или гушник е правоаголно бело или црно парче платно, за прикривање на предниот граден отворен дел од кошулата. Се украсувал со везени ветки, траки или тантелчиња.

Нараквици или поманики се плетени ракавчиња, со должина од шаката до лактот. Се носеле под ракавите од кошулата.

Џупа е облека од купечка памучна ткаенина во пруги. Кроена е ѕвонасто и долга е до колената.

Појасот е плетен од црна волна во вид на гајтан од 3 строкој. Бил долг околу 10 м.

Џуница е тесно, ткаено појасче, кое на едниот крај било украсено со киска.

Претсемник или бовча скутина, составена од две хоризонтално соединети платна. Ткаена е од волна, на црвена основа а со прави шарки во модра, зелена, црна и бела боја.

До претсемникот, внатре во појасот се закачувале дизгивчиња-тесно ткаени ленти украсени со пари, монистра и жабки. Подоцна, наместо дизгивчиња, се украсувале со 3 шамии во бела, црвена и зелена боја.

По влијание на градската мода, под претсемникот почнал да се носи фустан-претсемник или фустан-дамкане.

Елекот бил без ракави, со должина до појасот. До почетокот на 20век се украсувал со срма

Шегунот е горна облека од бел шајак. Бил кроен од заден стан, од предници и клинови. Долѓината му била до под колена, а имал и куси ракави. Ракавите биле продолжени за уште 20цм. Продолжетокот се завратувал над лактите, а бил познат и како “прчалки”. Прчалките биле везени со техника “крчкано” а завршувале со рески.

Џубето е невестинска безракавна облека, изработена од црн шајак и се носело над шегунот. Во горниот дел било припиено, а должината му била до под колена.

Опинците биле домашна изработка од говедска или свинска кожа. Бидејки крајот бил печалбарски, се смета дека многу почесто се носеле чевли. Кондури/рампоти се стар вид на чевли, високи до над глуждовите и се врзувале со врвки. Се носеле и кондури/полтушки и гети, кои биле високи до листовите и се врзувале со врвки.

Сокај е небестинско покривало за глава. Бил везен во темни бои и накитен со реси.

Коцак е вид на плетенка од коса, со должина околу 50 цм. Се прикачувал во косата и заедно со неа се плетел во 3 плетенки. Завршувал со кордели/волнени реси во разни бои.

Забрадувањето било со:

Чкепе/шкепе, црвена свилена марама

Црвено јазме, кое го носеле девојките

Бел дулбен

Шамија кафтан со ветки

И црна бечка шамија, памучна или волнена и украсена со реси. Ја носеле постарите жени.

Од накит се носеле срмен колан со пафти и ушници.

Ден 18 април 2025

00:01:17