АЗБУКА НА СКОПЈЕ – ЗЕЛЕНИКОВО/ЗЛОКУЌАНИ
- ЗЕЛЕНИКОВО Слатина, населба од неолитското време. Посебно значајни се наодите од последниот слој на населбата, од времето на доцниот неолит, според кои е воведена нова културна група наречена Зелениково II. Наодите се чуваат во Музејот на град Скопје. Општината Зелениково се наоѓа во горното Повардарие, во средото течение на реката Вардар во близина на сливот на Кадина Река и Пчиња. Територијата на општина Зелениково зафаќа површина од 176,95 km2. Самата општина има изразит рурален карактер и во своите граници опфаќа 14 населени места, од кои сите селски населби. На територијата на Општина Зелениково се наоѓаат повеќе културно-историски споменици и знаменитости. Во близината на селото Таор се наоѓа археолошкото наоѓалиште со остатоците од античкиот град Тауресиум во кој е роден византискиот цар Јустинијан I. Исто така во рамките на општината Зелениково се наоѓаат повеќе постари средновековни цркви и манастири меѓу кои: познатиот манастир „Свети Архангел Гаврил“ во селото Зелениково од XIV век, возобновен во 1845/46 година, манастирот „Свети Ѓорѓија“ и црквата „Воскресение Христово“ во Станица Зелениково, црквите „Свети Димитрија“ од XIV век и „Свети Илија“ од XVII век во селото Таор, а во Ново Село постои црквата „Свети Талеа“ од средновековието возобновена во 1896 година.
- ЗЛОКУЌАНИ Скупи, град од римското и доцноантичкото време. Поголем број од спомениците се наоѓаат во Музејот на Македонија во Скопје. Злокуќани е село во Општина Карпош, кое територијално е споено со градот Скопје, со што со тек на времето станува населба на градот. Се наоѓа на надморска височина од 280 метри и има 1.635 жители. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 270 метри. Злокуќани е во непосредна близина на утоката на реката Лепенец во Вардар, од нејзината лева страна. Токму на местото на Злокуќани се наоѓаат најголемиот дел од ископините на античкиот град Скупи. Веднаш на почетокот на селото се наоѓа и наоѓалиштето со остатокот од античкиот пат кој минувал тука, ранохристијанската базилика, амфитеатарот и др. За потеклото на името Злокуќани се поврзува со легендата за Злите Куќи односно „Зли Куќи“. Во минатото во раниот период на Османлиското Царство луѓето кои сакале на ова место да изградат свои куќи при ископот за поставување на темелите често наоѓале коски и костури, остатоци од антички гробници, разни плочи со натписи и предмети од некогашниот антички град Скупи. Поради пронаоѓањето на овие предмети и особено на коските и костурите ова место било завикано „Зли Куќи“, а подоцна од тоа име селото го добило своето денешно име Злокуќани.