Јосиф Михајловиќ Јуруковски (1887 – 1941 год.) градоначалник на Скопје од 1929 – 1936 год и од 1939 – 1941 год., Најмаркантната личност во овој период, која се споменува во сите книги и чии заслуги во Скопје се гледаат и ден – денес. Роден е во с.Тресонче, Дебарско. Универзитет завршил во Белград, а се дошколувал во Франција на Сорбона, на Институтот за урбанизам. Потоа заминал за Лондон запишал Високата лондонска школа за уредување и разубавување. На негова иницијатива изградени се хидроцентралата „Матка“, првиот водовод „Рашче“, насипот во Градски парк на Вардар, регулацијата на Серава. Негови се заслугите за првиот урбанистички план на Скопје, оформувањето на денешниот плоштад со околните улици, изградбата на Собранието, денешната Градска болница, старата железничка станица, поранешната Народна банка, Народното Собрание, Општинската зграда, Градската Болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора (Метропол), Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар и многу други. Кога во 1929 година бил именуван за градоначалник, авионски го снимил градот и направил катастарски премер и попис на населението. Првиот урбанистички план на Скопје го изработил заедно со стотици ученици, инженери и геометри. Благодарение на неговите планови, започнува усовршување и на уличната мрежа. Изградени се многу плоштади, улици, мостови и објекти. Во негово време започнало и калдрмисувањето на улиците. Било формирано и Друштво за разубавување на градот кое се грижело за естетскиот изглед на објектите. Во катастрофалниот земјотрес од 1963 година, голем дел од зградите изградени во периодот на Јуруковски успеваат да поминат само со помали оштетувања. Јосиф починал на 11 март 1941 година. Погребната поворка ја следеле повеќе од 15 илјади скопјани, церемонијата траела околу 5 часа, а проштални говори за живот и делата на Јосиф одржале повеќе од 20 лица. Овој градоначалник на Скопје е најуспешниот градски татко во поновата документирана историја на градот. За жал за таткото на модерното Скопје, граѓаните скоро и да не чуле а само една мала уличка во Скопската чаршија носи негово име.
