Територијално, пределот Голо Брдо е поделен во Македонија и Албанија, но етнолошки, тој е дел од Дебарската област. На исток граничи со Дебарско Поле и Жупа, на југ преку Јабланица со Дебарски Дримкол, на југозапад со албанскиот предел Черменика, на запад со албанскиот предел Мартинеши, а на север со Грика Мазе.
Машката носија од Голо Брдо ја сочинуваат кошула, гаќи, фустан, бечви, шалвари, џамадан, минтан, појас, долама, кусале, гуња, чораби, тозлуци и капи.
Кошулата е од бело платно. Кроена е од преден и заден стан, со рамни ракави, кои биле слободно пуштени или собрани со манжетни.
Гаќите се изработувале од истото платно како кошулата и биле долги до глуждовите. Се носеле под бечвите и шалварите
Фустанот е здолниште од бело платно, кроено со дури до 300 клинови.
Бечвите се изработувале од бела клашна, со долги и тесни ногавици. Во периодот пред 2СВ, почнале да де изработуваат бечви и од црна клашна, наменети за зимно време.
Шалварите се изработувале од тенка клашна, а биле кроени со широки ногавици. Кон крајот на 19век, сите носеле шалвари од бела клашна. Помеѓу двете светски војни се носеле црни шалвари, а бели носеле сеуште само оние кои неможеле да си дозволат, да купат боја.
Џамадан е кратка, допојасна облека, со или без ракави, од бела клашна.
Минтан е кратка допојасна облека без ракави. Изработен е од памучно платно, од внатрешната страна потплетен и пополнет со памук.
Појасот е волнен. Млади мажи носеле црвен, а постарите темно црвен појас.
Доламата се изработувала од бела клашна. Таа е горна облека со ракави, а долга до колената. Се носела за венчавање, а потоа се чувала и за смртна постела.
Кусалето е допојасна облека од црна клашна и со ракави до лактите. Јаката е голема, со правоаголна форма, која се формира во ќулавка.
Чорабите биле волнени и плетени. Постарите носеле бели чорапи, додека пак помладите мажи носеле орнаментирани на црвена основа. Се носеле и тозлуци, вид на потколеници.
На главата се носела капа шубара или плиток скадарски фес со син, свилен пискул.
