⦁ Македонија има преку 100 пешачко-висечки мостови. Речиси сите биле изградени од локалното население и користени како единствен начин за премин преку река. Атрактивни висечки мостови сеуште има на Вардар, Црна Река низ Мариово, на реката Радика и нејзините притоки, на реката Треска, Бабуна и други.
⦁ Европската стоболка или само стоболка (науч. Spermophilus citellus) е вид од фамилијата на Верверици. Заедно со дамчестата стоболка (Spermophilus suslicus) се единствени претставници на родот Стоболки (Spermophilus) во Европа. Стоболката расте до должина од 20 см и тежи помеѓу 200 и 400 гр. Таа е дневно животно и живее во колонии од поединечни дувла на пасишта и тревнати косини. Денски излегува за да се храни, и тоа претежно со семиња, фиданки, корења и наземни без’рбетници. Секоја колонија има стоболка што чува стража и им дава звучен сигнал на останатите кога наодаѓа некоја опасност. Стоболката спие зимски сон помеѓу есента и месец март, зависно од климата. За презимувањето се подготвува со таложење на кафеава маст во подоцнежниот дел на летото. Во раниот дел од летото стоболката раѓа 5-8 младенчиња. Во Република Македонија е застапен подвидот македонска стоболка (Spermophillus citellus karamani) која е строго заштитена со целосна забрана за лов. Препариран примерок на стоболка е изложен во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје. Се смета дека името го добила поради нејзините разновидни лековити својства во народната медицина (фиг. дека лечи „сто болести“).
