Лево, на двесте метри од рудникот Алшар има еден вечно зелен рид на кој не смее да стапне ниту човекова нога ниту преживари. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот (го има во помали количества), од кој, ако се внесе во организмот го соборува секој крупен добиток што се напасува таму. Уште полево од Алшар и од ридот, се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив, на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат некаков бел минерал со кого ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови. Овој природен правкаст минерал го има во неограничени количества. Волшебниот маѓепсан терен околу Алшар, познат меѓу староседелците како Црвена Долина, е вистинска енигма за научниците. Тоа е исто така значаен флористички локалитет којшто се карактеризира со присуството на растителните видови: алшарска темјанушка (Viola allchariensis) и арсенската темјанушка (Viola arsenica), кои претставуваат македонски ендемити. Локалитетот, под името Алшар, е запишан во Списокот на CORINE биотопи за Македонија.
Во постојаната поставка на Археолошкиот музеј се обединети скоро сите најрепрезентативни и уникатни римски артефакти, меѓу кои и бронзената биста на Силен (II – III век. пр.н.е – локалите Исар Марвинци. Силен во грчката митологија претставува придружник и учител на богот Дионис, кој заедно со сатирите и менадите ја претставува свитата на Дионис. Се сметало дека Силен имал посебни знаења, но и способности за предвидување на судбината. Тој е „заштитник“ на радоста, веселбите, танцот и лирата, но пред сè на виното и пијанството. Приказите на Силен се налик на пијан и дебел старец со широко отворени очи, подигнати дебели веѓи и широк нос, кој на главата носи венец од бршлен и винова лоза. Има долга и кадрава брада, мустаќи и коса која речиси целосно ги покрива неговите шилести уши.
