Свети Константин и Елена е главна селска црква во азотското село Оморани. Црквата првин била изградена во 1871 година, но подоцна била запалена од страна на мештаните Албанци. Палењето на црквата се случило заради тоа што Албанците ја грабнале македонската девојка Венка, која потоа селаните Македонци со употреба на сила ја ослободиле и ја омажиле во селото Смиловци, поради што во знак на одмазда Албанците ја запалиле оморанската црква. Црквата повторно била подигната во 1913 година од страна на Андреја Дамјанов, а била зографисана од страна на Димитрија Андонов-Папрадишки.
Разловечката црква „Св. цар Константин и царица Елена“ била изградена со голема итрина на жителите на селото. Турците не дозволувале да се гради црква ако на тоа место порано немало христијански храм. Селаните се снашле. Од стара црква над селото извадиле камен крст и го закопале на местото каде што требало да се гради новата. По извесно време повикале претставници на турските власти и со лажниот доказ успеале да добијат дозвола. Во изградбата што траела седум години учествувале сите селани. Интересно е што за портата на црквата биле изработени два големи клуча, а со едниот од нив и ден денес се отвара оваа црква.
