Со своите 43 хектари Скупи /Colonia Flavia Scupinorum/ било 2 пати поголемо од Стоби, пет пати од Хераклеја кај Битола или девет пати од Баргала кај Штип. Во 1883 год. англискиот истражувач Артур Еванс престојувал во Скопје и ги регистрирал римските бедеми на Зајчев Рид, кој ги објаснил како остатоци од акрополата на Скупи. Археолошките ископувања официјално започнуваат во 1930-те години, додека локалитетот за прв пат се заштитува како културно наследство по земјотресот во 1963. Градот Скупи најверојатно не бил поштеден од стравотните разурнувачки напади на Хуните во 447 год., а во 518 г. Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, забележан во Хрониката на Марцелин Комес. По 518 г. престанува урбаното живеење на римскиот град Скупи, иако постојат индиции дека животот во облик на помала словенска рурална населба продолжил се до X- XI век од н.е.
Во дворот на познатиот Лесновски манастир, веднаш до манастирската врата и до црквата се наоѓа лесновската црна дудинка. Се смета за најстаро стебло од дудинка во Македонија и се работи за алохтон вид. Според дендрохронолошките анализи таа е со старост меѓу 450-600 години. Во 1962 г., според Републичкиот завод за заштита на споменици на културата, стеблото од црна дудинка во дворното место на Лесновскиот манастир е прогласено за споменик на природата. Денес, стеблото од дудинката поради својата старост е искривено и полегнато, но се уште е здраво. Фактот што се наоѓа во двор на активен манастир претставува дополнителна заштита за него
