Аутепса или сад за загревање течности од III в.н.е. е единствена од овој вид пронајден на Балканскиот Полуостров. Садот е со височина од 39 см.и се состои од пет посебни елементи: Стомак-тело, инка или корнет, цилиндрично ложиште, дијаметар, рачка. Пронајдени се исто така и остатоци од решетка што го затварала цилиндерот од долната страна. Долната ивица на стомакот, дното на цилиндерот и решетката (која не е сочувана) биле сместени помеѓу двојните ѕидови на постаментот, на кои има отвори во форма на пелта. Во римско време садовите од овој вид претставувале дел од медицински прибор. Вакви садови пронајдени се во гробови на доктори заедно со хируршки инструменти. Сместен е во археолошката постојана поставка Вардарски Рид Гевгелија.
Во 1957 година кога се градел пристапниот пат кон браната на Липковското езеро градежните работници ископале три гробници. Co оглед на тоа што телата биле, како да се вчера починати и погребани, работниците се исплашиле дека откриле некоја нелегална пресна гробница и не знаеле што да прават со откриените гробови. Се обиделе телата да ги запалат, но уште повеќе се испашиле кога виделе дека не горат. Тогаш решиле да ги попрскаат со вар и така целиот предел да го дезинфицираат. Телата ги вратиле в земја, a co тоа и тајната што ја носеле со нив. Во 1963 година, екипа од Археолошкиот музеј, почнала нови ископувања на месноста. Но, трите претходно пронајдени гробници не биле откриени, затоа пак, била откриена една нова гробница, идентична како претходните, во која пронашле машко мумифицирано тело со долга коса и брада. Облеката во која бил облечен покојникот била јасно видлива – сина кошула, јакна со црвена груба ткаенина и волнени панталони. Заради лошото третирање во првите часови по вадењето од земјата, таа не може да даде доволно информации за науката.
