домаДАЛИ ЗНАЕТЕ?Дали знаете?- Резбата од Баргала и Даут-пашин амам

Дали знаете?- Резбата од Баргала и Даут-пашин амам

Во античкиот град Баргала е пронајдена резба стара 17 века. На таа резба на дрво се претставени луѓе, лавови и геометриски декорации од крајот на IV век. Во Македонија се зачувани голем број предмети, релјефи и верски украси од резба од периодот XIV-XIX век. Најпознати школи во тој период во Македонија биле Прилепско-слепченската во XV и XVI век и Дебарско-охридската во XIX век. Најпознати сочувани дела се иконостасите во црквите Св. Јован Бигорски кај Дебар и Св. Спас во Скопје. Покрај тоа, и побогатите куќи биле украсувани со мотиви од резба, познат пример за тоа е таванот во една од собите на музеј – куќата на Робевци во Охрид. 

Ктитор на амамот во Скопска чаршија е Даут-Паша. Тој го гради објектот за време на неговата позиција како румелиски (балкански) беглербег, во периодот од 1489 до 1497. за потребите на својот харем. Едниот дел бил наменет за мажи другиот за жени. Во двата дела имало простории за пресвлекување, простори за аклиматизација пред и по бањањето, тоалети, берберница, простории за депилација, заедничко бањање и простории за индивидуални бањи. Се смета дека амамот имал 99 чешми. Постојат  легенди дека тој никогаш не ни бил пуштен во употреба. Христијанското население ја раскажува легендата за клетвата на овој објект поради градењето врз стара црква. Затоа на првиот ден од неговото отварање наместо вода се појавиле змии кои ја каснале ќерќата на Даут-Паша, по што тој наредил затварање на амамот. Присуството на записи за неговите приходи ги оспоруваат овие легенди и посочуваат на високи трошоци за одржување како можна причина за неговото затварање. Се верува дека објектот бил и значително оштетен во природните катастрофи, како големиот земјотрес во 1555 г. или пожарот во 1689 г.

Ден 18 април 2025

00:01:17