⦁ 1950 се размислуваше за откривањето на фреските во црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент), кои веќе со децении беа сокриени под темните напластувања од чад на свеќи. Едни конзерватори предлагаа чистењето да се изврши по механички пат, втори со помош на плуканици, а трети – со употреба на гума и леб, четврти пак со терпентин. Така, француските конзерватори, кои во 1949 година престојуваа во Охрид поради копирање на фреските во Св. Софија, препорачаа чистењето да се изврши со помош на терпентин или бензин со кои би се премачкале фреските, а потоа терпентинот или бензинот би се запалил и на тој начин би изгорел лакот и чадот на фреските. Како најпогоден метод, беше прифатен начинот што го предложи конзерваторот Здравко Блажиќ. Рецептот кој му послужи за откривањето на фреските го нарече „Панцелпаста“, а во нејзината смеса беа вклучени хемикалии од органско потекло: ацетон, бензол, алкохол, вазелин, парафин и друго, кои послужија како одлично и безопасно средство за чистење фрески. Така, под дебелите напластувања на чад од свеќите и кандилата во црквата се појави ѕидно сликарство со кое, всушност, како што констатираа стручњаците, почнува ново поглавје на средновековната уметност во Европа, познато под називот „ренесанса на Палеолозите“.
