Галичката свадба е манифестација која се одржува секоја година на Петровден (12 јули) во селото Галичник на Бистра. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови.
Првата Галичка свадба беше на од 12 јули до 14 јули 1963 на празниците Св. Петар и Павле, како што е и името на црквата во Галичник. Инспирацијата за свадбата е најдена во галичката песна “Нарочува, бело Менде, порочува, како зное Аџи Павле да си доет. Да си доет две недели пред Петровден…”, зошто, ако не си “доет, ќе го нает бело Менде оможено”! Во пролетните месеци на 1963, тогашната Регионална стопанска комора во Скопје беше раководена од Ристо Дуковски, по потекло од Галичник. Во тоа време излегуваше дневниот весник “Нова Македонија”. Во него за таа прва “Галичка свадба” како туристичка манифестација, новинарот дава податоци, при што кажува: “… макар и сценски режирана, на неа ќе се повторат сите оние обичаи што оваа приредба ја прават атрактивна”. Исто така, во написот од 12 јули 1963 год., се вели дека на свадбата ќе присуствуваат, се предвидува околу 600 – 1000 гости за на крајот, во написот од 14 јули истата година да се наведе дека бројот на гостите бил над 4.000 од земјата (СФРЈ) и странство.
