Производството на мед во трмки датира од времето на фараоните. На камените ѕидови во пирамидите може да се видат слики за технологијата на пчеларење во трмки. До денес оваа технологија во Македонија не претрпела измени, бидејќи трмките се прават од истиот материјал – гранки од врба, пофит или други дрвенести растенија кои се еластични и може да се плетат во вид на конуси со димензија од 40 до 50 сантиметри во основата. Се мачкаат од надворешната страна со говедски измет (балега) која претходно се замесува со плева од жито и кал, а во поново време и со гасена вар. Врз трмката се плете изолација која е исто така од природен материјал – див рж, речен шамак или рогоз. Оваа изолација се стега со плетени колани од пофит. Пред да се наполни трмката со пчели се мачка со маточина (челок) и мед и во неа најчесто се истресува природно излезен рој кој е закачен на некоја гранка.
