12 август 1903. Околу 15.000 турски војници и башибозук под водство на Бахтијар-паша почнаа офанзива против Крушево и Крушевската република. Штабот на крушевските востаници, по добиениот ултиматум од Бахтијар-паша, за да се предадат одговори: „Востанавме за да се бориме за извојување на слобода за Македонија, а не да се предаваме“. Но, кога градот се најде во безизлезна состојба, штабот нареди востаниците да се повлечат со цел да се зачува градот од разурнување. Во жестоката битка загинаа 32 востаника. Меѓу нив неколкумина се самоубија. Крушевската република падна утредента, по борбите на преминот Слива и во месноста Мечкин Камен.
Во 1904 година браќата Манаки од Битола го отвораат Студиото за уметничка фотографија. 1906 учествуваат на светска изложба на фотографии во Синаја, Романија. Таму освојуваат Златен медал за фотографска колекција и ја добиваат титулата – Дворски фотографи на Неговото Височество Карл Први. Постариот брат Јанаки, патувајќи за Париз, Виена, Лондон за првпат видел и купил камера од компанијата, ЧАРЛС УРБАН ТРЕЈДИНГ. Тоа бил 300-от примерок од серијата Биоскоп. Првите подвижни слики беа од нивната 114 годишна баба Деспина, заедно со другите ткајачки од селото. Од зачуваните материјали и сведоштва на овие први филмски сниматели на Балканот се, Посетата на султанот Мехмед Рашид Петти на Битола, Номадите аракачани, Празнување на религиозниот празник Водици, Посетата на принцот Александар на Битола, потоа серија кадри од селски и градски свадби, народни обичаи, ритуали и прослави.
