Во 1989 г. на локалитетот Мрамор (Чашка, Велес), археологот Трајанка Јовчевска од Музејот на град Велес, пронајде артефакт изработен од теракота. Оваа т.н. „неолитската окарина“ е стара 6000 год. Сè уште е функционална и на неа може да се свири. Тоа го покажа во неколку наврати македонскиот музичар Драган Даутовски со неговите перформанси. Ова е и единствен ваков инструмент пронајден во Европа.
Пештерните цркви, се јавуваат во 9 век или порано, а живописани се главно во 13 и 14 век и тесно се поврзани со христијанското учење – исихазм. Тоа дава печат и на целокупниот некогашен живот во Македонија. Во Македонија има преку 50 пештерни цркви, а од нив најголем дел се лоцирани околу крајбрежјето на Охридското и Преспанското езеро. Тие се среќаваат и во околината на манастирите Трескавец и Зрзе, покрај реките Бабуна, Црна река и Треска, но и во Кумановско-кратовскиот регион и кај Тиквешко Езеро. Овие пештерни храмови со своите колоритни иконостаси имаат непроценлива вредност за негување на духот на христијанството.
