Мошти на 33 светители, парчиња од марамата и од појасот на Богородица, парче од крстот на кој бил распнат Исус Христос се наоѓаат во Марков Манастир крај Скопје. Парчињата од Исусовиот крст и од марамата и појасот на Богородица е вистинска реткост да се поседуваат, зашто делови од нив има само уште во неколку верски храмови во Православната екумена. Меѓу моштите се парче од реброто на Свети Димитрија кој е заштитник на Марков Манастир, парче кожа од Света Ана, мајката на Богородица, коска од Свети Јован Крстител, коска од Света Елена, парче коска од десната рака на Свети Никола, коска од свети Јован Златоуст, коска од Свети Серафим Саровски, коски од 44-те маченици, коска од раката на свети Гаврил Лесновски, коска од Свети Петар Александриски и уште од 23 светители. Овие вредни светињи се добиени без никаков протокол и барања, туку само како израз на братска љубов од Руската задгранична црква.
