ДАЛИ ЗНАЕТЕ – МАЈКА ТЕРЕЗА ВО СКОПЈЕ/РИСТО ГАРЕВСКИ
- Заедно со честитката за добиената Нобелова награда од граѓаните на Скопје и покана повторно да го посети родниот град, пристигнува, благодарноста и одговорот на Мајка Тереза. „Очекувајте ме во родниот град, носталгијата брзо ме влече“. Порачува Мајка Тереза за веќе на 27 и 28 јуни 1980 година, по третпат, официјално да дојде во Скопје. Гостин е на својот роден град, кој ја прогласува за заслужен граѓанин, доделувајќи и ја спомен плакетата на Скопје. Малку е познато дека од трите бора, кај спомен плочата пред ЕВН, еден од нив Мајка Тереза го насадила во 1980 година, кога беше прогласена за почесен граѓанин на Скопје.
- Ристо Гаревски (22.3.1922 -21.2.2012) македонски палеонтолог, припаѓа на првата генерација биолози во Македонија. Во близината на цигланата „Киро Ќучук“ во Велес, Гаревски пронашол три глави од носорози и една глава од мастодонт – вид слонови што живееле пред десет милиони години. Во близина на скопското село Орешани откопал и заби од мамути што живееле пред 20.000 години. Според Гаревски, најбогати области со фосилни остатоци се Тиквешијата, велешко-оризарските и валандовските краишта. Освен по истражувачките откритија, д-р Ристо Гаревски е заслужен за формирањето на одделот за палеонтологија во Природонаучниот музеј на Македонија, каде што минал најголем дел од својот работен век.