Во црквата Св. Заум Охрид се наоѓа ретка слика на фреска, која ги опишува настаните кои се случиле непосредно пред Успението, мигот кога Богородица му ја соопштува блиската смрт на апостолот Јован? Откриена е уште само во јужната капела на Афендико во Мистра, а нејзиното вообличување своја текстуална основа ја има во хомилија за Успението на Богородица на солунскиот архиепископ Јован. На таа сцена прво се јавува ангелот кој и навестува дека наскоро „ќе излезе од своето тело“ и дека доаѓа крајот на нејзиниот земен живот. Сцената која е ретка и единствено претставена во Заум, е влегувањето на Јован, во веќе мачната атмосфера, и неговиот разговор со Богородица. Разговор за скорешната смрт. Богородица седи на висок трон, со прекрстени раце. Гори свеќа од високиот свеќник кој е запален пред неа. Апостол Јован е насликан по мигот кога ја отворил вратата и стои, зачуден и вџашен. Во грч и неверување тој ги подава рацете кон неа. Во напнатата атмосфера, се е во знакот на претскажување и исчекување на смртта. Последната порака на Богородица е да им ги предаде нејзините фустани на двете жени. Но, наместо тоа, мајсторот тој чин го врзал за Богородица, која сама ги предава фустаните.
