домаДАЛИ ЗНАЕТЕ?Дали знаете? - Хавзи Паша и Арапската куќа

Дали знаете? – Хавзи Паша и Арапската куќа

Во далечната 1820 година, Хавзи паша станал скопски паша. Хавзипашините конаци, комплекс на конаци во селото Бардовци крај Скопје изграден е во периодот помеѓу 1830 и 1845 година. Комплексот го сочинуваат три дела со згради и дворни површини оградени со ѕидови од камен, засилени со осум одбранбени кули. Во средишниот двор се наоѓа селамлукот во кој престојувал пашата со машкиот дел од семејството. На источната страна бил харемлакот со женскиот двор во кој се наоѓала зграда за кујна и за послугата. Меѓу многубројните конаци изградени од Турците овие биле најголеми и над другите по стилската обработка и по декоративното богатство. Во 1944 година конаците биле изгорени и уништени од германските војски, а денеска тие се голи ѕидови. Објектот е вклучен во Списокот на Културно наследство на Македонија. Замислен е како филмски комплекс и гледалиште со капацитет од стотина седишта. Н.У. Кинотека на Македонија во моментов единствено ги користи филмските депоа во западниот двор.
“Арапската куќа“ во Скопје е семејна куќа, сведок за љубовната приказна за скопскиот трговец со ерменско потекло познат по производството на свилени шамии Дикиџијан и убавата Агавни, изградена во периодот 1936-1938 година. Таа е дело на архитектот Иван Артемушкин – руски имигрант кој имал техничко биро во Скопје. Крајот на оваа љубовна приказна и не е толку среќен. Агоп умира а неговата куќа се конфискува поради тоа што тој нема потомци. Неговата сопруга Агавни заминува за Марсеј и никогаш не се враќа повторно во Скопје. Наредните години куќата ќе биде во сопственост на Рустем Бег и неговата жена Рустикана Натали, а потоа одреден период во неа живее и Димитар Влахов, за на крај во 60-те, да премине во рацете на „Македонија Турист“. Во 1964 година, била преуредена во хотел, наречен „Јадран“. Последното преуредување е направено во 1989 година. Поради својата архитектонска особеност, „Арапската куќа“ е прогласена за историски споменик на културата, но за жал до денес е недостапна.

Ден 18 април 2025

00:01:17