ДАЛИ ЗНАЕТЕ – ДЕДИНСКА АФЕРА/ПОПЛАВА ВО СКОПЈЕ
- На 25 Август 1897. во атарот на селото Дедино, Радовишко, раководителот на револуционерната организација од Радовиш, учителот Тодор Станков, заедно со селската полиција убија двајца Турци колџии, а главаторот на колџиите, злогласниот Агато, ранет успеал да избега и да ги извести властите. Уште истиот ден Дедино беше блокирано од Турците, а селаните беа подложени на мачење. Притоа, во селото беше откриено оружје и муниција, а беа затворени 123 селани од Дедино и четворица од селото Ињево и однесени во скопскиот затвор „Куршумли-ан“. Овој настан е познат како „Дединска афера“.
- На 23 август 1929 година, после големите дождови кои ја зафатиле цела Македонија, почнувајќи од 21:30 часот, па до зора, Скопје преживеало една тешка катастрофа. Скопје нема забележано таква поплава во последните 100-150 години. Додека „модерниот“ дел на градот (десно од реката Вардар), во кои се наоѓале голем број на јавни локали, „уживал“ во разладената температура, стариот дел и периферијата на градот, каде живеело сиромашно население, биле жртва на незапаметена вода која се слила од околните ридови на Скопска Црна Гора. Во Скопје биле поплавени многубројни дуќани на тогашните трговци, ги наполнила нивните подруми до 1,5 метри вода, нанесувајќи голема материјална штета. Водата навлегла и во 800 до 1000 куќи, од кои дел биле срушени.