Во една легенда се говори дека Царот Самоил имал ќерка по име Преспана која по смртта на својот татко живеела во крајбрежното село Царев Двор. Нејзината убавина, мудрост и храброст биле надалеку познати и за неа слушнал еден византиски дворјанин, а според некои кажувања тоа била самиот Цар Василие. Тој решил да ја побара раката на Преспана, па со цела свита дошол кај неа. Не сакајќи да му стане сопруга на противникот на нејзиниот покоен татко, таа се фрлила во езерото кое го добило нејзиното име
На 28 јули 1978г. за прв пат е организиран „Илинденски Коњички Марш“ од Г. Лисиче до Крушево. По полагањето цвеќе и изразената почит на Илинденците коњаниците заминале во близина на Крушевското езеро, со цел таму да се задржат извесно време. Се сместиле, но набргу дошла полицијата и барала да го напуштат местото, затоа што тука било забрането одгледување-чување коњи. Непријатната ситуација ја спасил потомокот на Кареви, Владо Каревски кој на коњаниците им ја остапил неговата нива извикувајќи при тоа „Ова е мој приватен имот, од тука никој не смее да ве избрка“, по што полицијата си заминала. По враќањето во Скопје на групата судот изрекол забрана за одржување на маршот во иднина. Во 1998 година по иницијатива на група граѓани од Горно Лисиче маршот е обновен со тоа што согласно новите законски прописи маршот е регистриран како Здружение на Граѓани и оттогаш се одржува традиционално секоја година.
На 27 јули 916 во Охрид умре Свети Климент Охридски, средновековен писател и педагог, ученик на светите Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, прв словенски епископ во Македонија, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква. Ова е литиска икона на СВ. КЛИМЕНТ (Од другата страна “Св. Наум”) од XIV – XV век. 86 x 65, 5 цм. од црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент), Охрид, денес во Галеријата на икони, Охрид. Св. Климент, претставен во половина раст. Со десната рака благословува, во левата држи дебела затворена книга. Облечен е во темно црвен фелон и бел омофор украсен со големи црни крстови со златни ленти. Фонот и рамките – златни.
