Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) остро го осудува опожарувањето на возилото на сопственикот на регионалната телевизија М-Нет ХД, Благој Серсемов, во дворот на неговата семејна куќа. Според АВМУ, заканите и заплашувањата насочени кон медиумите го поткопуваат демократијата, слободата на говорот и правото на информирање, а безбедноста на медиумските работници е од клучна важност за функционирањето на независни и професионални медиуми. Агенцијата апелира до Министерството за внатрешни работи да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините зад овој вандалски чин. АВМУ истакнува дека медиумите се еден од основните стожери на демократските процеси и дека нивната заштита е клучна за унапредување на слободата на изразување во општеството.
