Економистите очекуваат дека инфлацијата во еврозоната ќе остане над целта на Европската централна банка од 2 отсто на среден рок. Тоа го покажува истражувањето објавено од германскиот институт „Ifo” во средата, еден ден пред следниот состанок на монетарната власт, на кој ќе треба да се одлучи дали да се намалат каматните стапки по трет пат оваа година. Експертите прогнозираат дека инфлацијата во валутната унија ќе достигне 2,6% во 2024-та година, според кварталното истражување, кое „Ifo” го спроведе заедно со Швајцарскиот институт за економска политика. Инфлацијата најверојатно ќе достигне 2,4% во Германија, 3,1% во Австрија и 2,3% во Франција. Минатиот месец инфлацијата во еврозоната забави под целта на Европската централна банка од 2%, достигнувајќи ниво од 1,8%. Бројката се совпадна со очекувањата на економистите анкетирани од „Reuters”, откако годишната инфлација достигна тригодишен минимум од 2,2 отсто во август. Во истражувањето на институтот, спроведено од 17-ти септември до 1-ви октомври 2024-та година, учествуваа вкупно 1.514 економски експерти од 119 земји.
