Навалицата за злато на светските пазари не стивнува, што деновиве ја качи цената на скапоцениот метал до рекордни над 2.750 долари за унца. Златото поскапе за 30 отсто од почетокот на годинава, а геополитичката неизвесност и светската економија, која се тетерави, само ги тераат инвеститорите сѐ повеќе да бараат сигурност во златото, што може да ја крене неговата цена и до над 3.000 долари до средината на 2025 година, како што прогнозираат аналитичарите. Зголемен интерес за златото се забележува и во Македонија, каде што од пред неколку години може на пазарот да се купи инвестициско злато, освен традиционалното купување злато како накит, јубилејни монети издадени од Народната банка.