Како што беше вчера најавено на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, денеска 20 пратеници од коалицијата на оваа партија доставија своерачно потпишан предлог за основање на собраниска анкетна комисија за „скандалот во ЈЗУ Клиника за радитерапија и онкологија“. Собранието го прифати предлогот за утврдување на политичка и друга одговорност. Анкетната комисија ќе ја сочинуваат шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, пет на СДСМ, два на ДУИ и еден на Алијанса за Албанците. Комисијата ќе утврдува дали биле загрозени основните човекови права на пациентите и ќе ги информира надлежните органи и институции.

Анкетната комисија ќе ја утврдува хронологијата на настаните и околностите и дали биле повредени правата на пациентите лекувани во оваа Клиника. За своите наоди ќе ги известува Владата, Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија. Секој сведок или експерт кој ќе биде повикан од Комисијата има обврска да ги презентира своите сознанија, а доколку смета може да побара затворена седница.
Комисијата најдоцна по еден месец од завршувањето на својата работа ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието.
Прифаќањето на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е еден од ретките случаеви на едногласност на пратениците во актуелниот состав на Собранието на Македонија.



