Дијабетичарите следната недела ќе може да ги набават лентите за мерење шеќер во крвта, соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити на официјалниот Фејсбук профил.
„Наследените проблеми ги решаваме затоа што пациентите секогаш ми биле и ќе ми бидат на прво место. Го решивме наследениот проблем со недостаток на ленти за мерење на шеќер во крвта. Доволна количина ленти која ќе ги задоволи потребите на дијабетичарите е веќе на пат кон државта, а во текот на следната недела ќе бидат достапни во аптеките. Правиме и максимални напори наскоро да пристигнат и сензорите за дијабет кои за прв пат ќе може да ги користат децата за безболно мерење на шеќер. Со ова ќе исполниме едно од најзначајните барања на дијабетичарите. Им се заблагодарувам на трпението на пациентите и жалам за настанатата ситуација која е резултат на непостапувањето и негрижата на Беким Сали. Како што ветив, додека сум јас министер доцнење на лекови кои ги обезбедува Министерството за здравство нема да има.“ – напиша министерот Фатмир Меџити.
Лица со дијабетес пред еден месец протестираа пред Министерството за здравство, со барање да добијат средства за мерење и контрола на болеста, како глукомери и ленти, кои недостигаат веќе седум месеци.
Во земјава има 150.000 граѓани со дијабет, од кои 45.000 се на инсулин.
