
6,8 степени по Рихтер. Часот по локално време е 23.
Урнати згради и улици со рушевини. Моќниот земјотрес на улица ги извади жителите на Мароко. Според очевидци оштетени се древните ѕидови од пештерите.
19 минути по првиот земјотрес, втор силен земјотрес е почувствуван низ целата држава. Во Казабланка исто ноќта жителите ја поминуваат на улица.
„Бев на гости кај луѓе во истата зграда на третиот кат, наеднаш видовме работи како паѓаат одозгора, како садови и други работи што беа прицврстени на ѕидот, не можевме да седиме или да застанеме на нозе, потоа побегнавме надвор од домот. Исто како и сите други луѓе. Навистина земјотресот беше многу силен“, вели жител.
„Бев во мојата куќа, видов луѓе кои излегуваат надвор, слушнав многу врева, мислев дека е дожд, но тоа беше звукот на земјотресот“
„Заспав, еднаш почувствував движење во креветот, не верував, вториот пат бев сигурен дека е земјотрес, се повтори три пати, сепак фала му на Бога жив сум“.
Од македонското МНР велат дека двајца наши државјани се евакуирани.
„Информираме дека нашето Дипломатско конзуларно претставништва во Каиро, е во комуникација со надлежните институции во Мароко, за евентуални наши државјани во погодените региони и потреба за евакуација. Во нашето Дипломатско конзуларно претставништво во Каиро досега се пријавени само двајца наши државјани, кои се евакуирани и моментално се во камп во Маракеш, во добра состојба и утре вечер патуваат за Мадрид.“, изјавија од МНР.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку Твитер изрази сочувство за настраданите.
„Шокирани сме од разорниот земјотрес во Мароко синоќа со стотици жртви. Искрено сочувство до семејствата на жртвите и желби за брзо закрепнување на повредените.“, напиша Османи.
Според локалните медиуми има потешкотии да се стигне до села кои се оддалечени во планините. Властите во Мароко веќе соопштија дека акцијата може да трае и неколку дена за да спасувачите може да стигнат до тие села каде има претежно стари градби.
