Македонија и Србија од вчера функционираат со заеднички систем за наплата на патарини. Интегрираниот таг проект е во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ и беше промовиран на мобилното продажно место на наплатната рампа Прешево.
За користење на таг уредот, неопходно е возачите да направат негова преконфигурација во шест чекори. Првиот е носење на тагот во една од овластените филијали за негово реконфигурирање. Вториот е добивање на договор и добивање на сметка-признаница за намалување, во случај да имало средства на уредот. Третиот е скенирање на QR код од договорот и внесување на податоци на возачот.
Наредниот чекор е внесување на податоци од платежна картичка на возачот, по што следува пренасочување на веб сервисот „Отворен Балкан ENP“. Истовремено на имејл стигнуваат податоци за пријавата. За користење на таг уредот во Србија е потребно внесување на податоци за платежната картичка на интернет сервисот „Отворен Балкан ENP“, во секцијата за таа земја.
Корисникот притоа ќе може да одбере дали ќе плаќа за патарина во национална или во странска валута. Патарината се наплаќа со симнување на средства од платежна картичка, што значи дека возачот нема потреба да има пари на својот таг.
Согласно податоците од ЈПДП од јуни оваа година, во Северна Македонија има околу 20.000 возила со инсталиран таг. Тие ќе можат да минуваат непречено на наплатните рампи кои автоматски ќе го регистрираат нивниот таг. Според српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ само во изминатите десетина дена над 13.000 Срби го презеле таг-от, проектот кој, како што додаде, е во склад со политиките на двете земји за брз проток на стока и капитал. Тој најави дека Србија ќе има таг и со Хрватска од септември, а се водат преговори и со Црна Гора, БиХ и Грција.
Единствениот систем на патарина е во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на метежот на автопатите. Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи и побрзо стигнување до крајните дестинации на возачите.
