Посетата на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на Германија, донесе дополнителни придобивки за државата и нашата европска иднина, директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има. Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ. Сето ова доаѓа по усвојувањето на Резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително афирмира македонскиот како рамноправен со сите останати јазици на Европската Унија. Ова е уште една потврда за државничките политики на СДСМ и парламентарното мнозинство“, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски, кој додаде дека сега сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ треба во прв план да ги стават државните и националните интереси и заеднички низ консензус да ја обезбедиме европската иднина.
Од ВМРО-ДПМНЕ со реакција дека во официјалниот превод од прес-конферцијата во Берлин имало грешка и тоа многу битна која ја менува целата суштина на изјавата на канцеларот Шолц.
„Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера по средбата со македонскиот премиер не кажа дека гарантира оти нема да има нови услови кон ЕУ за Македонија, туку кажа дека не треба да има нови условувања“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и додаде дека станува збор за намерен или ненамерен погрешен превод.
Ковачки повика уште еднаш да се погледне изјавата на Шолц, како и преводот на изјавата.
„Цениме дека е направена грешка во преводот од службите“, рече Ковачки одговарајќи на прашање од новинарите за изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц која според преводот гласи: „гарантирам дека нема да има нови условувања за пристапните преговори на државата“.
„Шолц вели дека не треба да има нови условувања, што е и наш став, но за тоа нема гаранции“, нагласи пратеникот.
Пратеникот Антонијо Милошоски преку Фејсбук изрази резерви кон ветувањата дадени од Германија.
„За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека ‘нема да има нови услови од Бугарија’, освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија“, наведува Милошоски.