домаUncategorizedСе одбележува 11 Октомври, ден на востанието во Македонија против фашизмот

Се одбележува 11 Октомври, ден на востанието во Македонија против фашизмот

Македонија го чествува Денот на народното востание и победата над фашизмот. Централната манифестација се одржа пред Спомен-костурницата на паднатите борци во Куманово, каде владината делегација ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски. Тој оттаму кажа дека државата денес е на вистинскиот пат и треба да продолжи во насока на исполнување на стратешките државни и национални цели. Според Ковачевски сега борбата продолжува против, како што истакна, модерната форма на фашизам, односно идеите за етнонационализам и ксенофобија. Ковачевски додаде дека ова зло треба да се спречи и воедно да не се дозволи да се наметне антиевропска агенда.

„Антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина, води кон Македонија без луѓе, а само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда“, рече Ковачевски.
Во честитката за 11 Октомври и претседателот Стево Пендаровски се осврна на иселувањето. Тој потсети дека токму младите луѓе биле носители во антифашистичката борба.

„Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот“, рече Пендаровски.

Од друга страна, спикерот Талат Џафери порача да не се заборават жртвите и влогот на сите јунаци кои застанале на вистинската страна, на страната на правдата.

„Таа битка се доби меѓутоа, за жал, битките секојдневно продолжуваат во други димензии од животот и предизвикот е секојдневно сѐ поголем. Ужасните вести што ги слушаме од блиските и далечните региони се аларм и потсетник дека мирот е кревок и треба да се негува, да се чува и штити, внатре и надвор“, рече Џафери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потенцира да не се заборави дека овој ден е почеток на борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор.

„Важно е да ја почитуваме и учиме историјата, за да ги научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“, рече Мицкоски.

Инаку, денешниот празник се одбележа насекаде низ државата, а особено во градовите каде се случија првите вооружени напади, во Куманово и Прилеп.

Беше 27 април 2024

00:05:10