Иако остануваат само нешто повеќе од три месеци до крајот на 2023 година, рок кој министерот за транспорт и врски Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта го ветија за завршување на работите на автопатот Охрид-Кичево, крајот ни одалеку не се гледа, а работници има многу малку, иако временски прилики за работа беа одлични цело лето. Охридскиот градоначалник Пецаков, не очекува дека автопатот ќе биде завршен ниту во наредните две години, а не пак до крајот на оваа година.
„Без разлика што јас не сум ниту инжинер, ниту сум поврзан некако со изградбата на автопатишта,сигурен сум дека ова минимум за наредните две години не би го гледала својот крај и под услов да се промени власта, власт на која еден од приоритетите би бил автопатот, затоа што има доста точки кои се уште не се започнати и има проблеми на трасата кои можеби требало да бидат решени на почетокот“-Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Со него се согласува и градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, од каде во најголем дел поминува оваа автопатска делница.
„Од 2014 сега сме 2023 година, некако како се уште да сме далеку од целиот тој проект, не само во однос на самиот автопат, туку и во однос на сите тие сервисни патишта што треба да се изградат, а дополнително бидејки патот поминува низ населени места и се создаваат одредени проблеми на постојната инфраструктура, на водоводната и канализациона мрежа,приклучоците, безбедното одвивање на сообраќајот. Реалноста е дека таму тешко гледаме напредок“-Зоран Ногачески-градоначалник на Дебрца.
Министерот Бочварски пред два дена рече дека проблемите се решавале и отклонувале.
„Ние ќе направиме се’, ги правиме сите координации, притисоци изведувачите да си ја завршат својата задача, бидејќи институциите својата задача си ја завршија. Да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот Охрид и е пуштена во сообраќај, така што продолжува секој оној дел којшто ќе биде приспособен согласно стандарди, процедури, да биде безбеден и да биде пуштен во сообраќај“-Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.
Бочварски овојпат не прецизираше рок до кога може да заврши изградбата на автопатот.