домаUncategorizedПочна доставата на учебниците за шестоодделенците, вели Шаќири

Почна доставата на учебниците за шестоодделенците, вели Шаќири

Од денеска почна доставата на учебниците за шестоодделенците и таа ќе трае до крајот на оваа недела, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„Мојата изјава на почетокот на учебната година беше дека до крајот на септември, почетокот на октомври сите учебници ќе бидат доставени. По тоа што се случи минатата учебна година немаше оптимизам дека ќе се постигне тоа. Ме радува фактот дека денеска во дел од училиштата има достава на учебници од шесто одделение и тоа ќе продолжи и во наредните денови. До крајот на неделата очекувам сите учебници да се достават“,рече Шаќири во одговор на новинарско прашање по панел дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“.

Во зависност од тоа како ќе се одвива доставата Шаќири вели дека ќе побара од економскиот оператор достава да има и во сабота и недела за да сите одобрени учебници се достават кај учениците.

Министерот Шаќири кај себе не гледа одговорност за тоа што досега учениците немаа учебници и вели оти постапките кои доцнеле не зависеле од него.

„Секој одобрен учебник доаѓа од Националната комисија за учебници. Доколку постои задоцнување на доставата од страна на Министерството за образование и наука, одговорноста е на министерот. Сите учебници што се одобрени од страна на педагошката служба веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Одговорност поради тоа што одреден учебник има жалбени постапки, има жалбени постапки од страна на авторите или во постапката, не зависи од министерот“,рече Шаќири.

Тој денес извести дека овој септември биле доставени повеќе од 80 отсто од учебниците во училиштата. Првпат, според него, по десет години се доставуваат учебници во гимназиското образование, а по повеќе од 13 години достава има и во стручното образование.
Шаќири најави дека наскоро ќе бидат објавени законите за средно и средно стручно образование кои во текот на овие 10 дена ќе бидат на владина седница и ќе се достават до Собранието.
На почетокот на септември Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) најави дека ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН) поради недостигот на учебници во основното образование. 

Ден 18 април 2025

00:01:17