Протестираа, како што велат за леб, а добија откази. 27 вработени во „ Комунална хигиена“, се отпуштени од работа, а за тоа дознале синоќа доаѓајќи во трета смена, кога го виделе листот на огласната табла со нивните имиња и презимиња. Се работи за лица кои имаат повеќедецениски стаж во претпријатието, а биле распоредени на работни места од метачи, преку магационери до возачи и главни на блок. Не се спасија од најавата на директорката Мазнева за нови отпуштања и покрај вчерашната одлука на Извршниот одбор на Синдикалната организација на „ Комунална хигиена“, во интерес на здравјето на граѓаните , да запре четиридневниот бојкот на работата и да продолжат да го собираат сметот.
Најновите откази во јавното претпријатие се дополнување на веќе отпуштените десетина вработени на неопределено време, меѓу кои е и синдикалниот лидер и 27 примени со договор преку Агенцијата за привремени вработувања. Меѓу последните кои добија откази само за едно лице претходно била спроведена дисциплинска постапка , а останатите се отпуштени само затоа што протестираа , барајќи повисока плата, К-15, бенефициран стаж и враќање на избрканите.
- Денеска треба да биде доставен записникот од Инспекторатот за заштита на животната средина, Комуналниот инспекторат и од инспекторите од Град Скопје да ги видиме наодите нивни во однос на целата оваа состојба . И во постојана координација сме со обвинителот. Секако дека, доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители кои придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави, изјави министерот Спасовски.
Според Спасовски треба да одговараат и тие вработени во „ Комунална хигиена“ за кои ќе се потврди дека со години земале плата, а не доаѓале на работа.
