Единаесетмина градежни работници од Македонија, кои успеале да заминат од палестинската област Рамалах на Западниот Брег, се заглавени во Тел Авив, откако денешниот лет во 12.50 часот со компанијата „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул бил откажан. И картите што им ги купила фирмата се пропаднати, нови немаат.
Овие работници велат дека се оставени сами на себе. Но сега, односно во 19 часот по израелско време, покрај амбасадорот, кај едниот од 11-темина вработени се јавил лично и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Заглавените работници добиле уверување дека се прават максимални напори овие и други наши државјани да полетаат од Тел Авив в петок. Амбасадорот ги уверувал дека се безбедни.
Работниците се револтирани дека од денеска, како што велат и фирмата во која работат кренала раце од нив, со образложение дека е немоќна нешто да стори за да ги донесе дома.
Обезбедувањето на авиотранспорт, не само на овие наши државјани, туку и на уште стотина кои се пријавиле за итна евакуација од завојуваниот Израел, е оставено засега на нашиот амбасадор. Но, како тој наоѓа места по авиони кои летаат кон Балканот, така летовите се откажуваат.
Овие 11-мина се наоѓаат во хотел на два километра од аеродромот во Тел Авив. Сами купуваат храна. Како и сите, живеат со звуци на сирените и мора деноноќно да ги почитуваат инструкциите од безбедносните власти на Израел.
Досега со авиони на туѓи држави и преку нивни амбасадори, за овие 6 дена војна со Хамас во појасот Газа, 40 наши сограѓани успеале да се вратат во Македонија.
МНР соопшти дека утринава уште дваесет граѓани биле префрлени на безбедно во Тел Авив каде ќе чекаат за евакуација.