Жители на липковското село Слупчане вчера се обиделе сами да ја приклучат струјата која им била исклучена во текот на денот, поради што направиле голема штета на системот и оставиле без струја уште неколку околни села. Од синоќа, струја немаат ни селата Оризаре, Ваксинце и Лојане.
Според ЕВН, упадот го направиле во доцните вечерни часови кога насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект на Електродистрибуција, во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото.
„По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни и може да имаат трагичен крај“, велат од ЕВН.
Оттаму велат дека мештаните на Слупчане и денеска не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.
„Екипите на Електродистрибуција не можат да го санираат дефектот сѐ додека не добијат цврсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа”, велат од компанијата.
Жителите на Слупчане велат дека струјата ја снемало вчера околу 14:30 часот, па прво помислиле дека тоа се должи на невремето кое во тоа време го зафати кумановскиот крај. Околу 20 часот сфатиле дека се исклучени и организирале протест на влезот во селото, при што го блокирале патот кон Липково, Куманово и граничниот премин кон Косово.
„Без најава ни беше прекинато снабдувањето со електрична енергија, со изговор дека изгорел кабелот. Поради тие што не плаќаат сите сега трпиме последици. Нека си обезбедат асистенција од полицијата и нека си го решат проблемот, вака само се затегнуваат односите. Требаше да ни најават дека ќе ја исклучат струјата за да се организираме поинаку и да се обидеме да се договориме“, вели нашиот соговорник, кој додава дека редовно плаќа струја и бара да бидат испочитувани неговите права.
Во Слупчане, кражбите на електричната енергија се околу 80 отсто, а наплатата е само 20 проценти.